Списание на Синиот штит

Списанието на Синиот штит претставува годишно списание на Македонскиот национален комитет на Синиот штит од Скопје. Во списанието се објавуваат трудови од областа на херитологијата, на заштитата на културното наследство и на дисциплините кои се тесно поврзани со културното наследство.

По повеќегодишното работење, МНК Син штит, како единствена невладина организација која работи под покровитечлство на УНЕСКО на полето на заштитата на културното наследство во опасност во Република Македонија, во 2013 година започна да го објавува годишното електронско Списание на Синиот штит. Текстовите во списанието се објавуваат двојазично, на македонски и на англиски јазик.

Предност за објавување во Списанието на Синиот штит имаат домашни и странски автори со оригинални трудови во кои се обработуваат теми поврзани со културното наследство и неговата заштита од територијата на Македонија. Исто така, можат да бидат објавувани и оригинални трудови кои се однесуваат за поширокиот простор на Југоисточна Европа.

Ова списание е од отворен пристап, што значи дека сите текстови се целосно слободни и не се наплаќа за нивното користење. Корисниците можат да читаат, да симнуваат, да копираат, да дистрибуираат, да печатат, да пребаруваат или да поврзуваат цели текстови од ова списание без претходно одобрение на издавачот или на авторот.