МЕЃУНАРОДЕН СИН ШТИТ (BSI)
Меѓународниот Син штит (Blue Shield International - BSI) е неутрална, невладина, независна, професионална и непрофитна организација чија мисија е заштита на светската културна сопственост и се занимава со заштитата на културното и природното наследство, материјално и нематеријално, во случај на вооружен конфликт, природна или човечка катастрофа . Оваа организација е основана во април 1996 година во Париз. Основачи се:
- Меѓународниот совет на музеите ( International Council of Museums – ICOM)
- Меународниот совет за споменици и места (International Committee of Monuments and Sites – ICOMOS)
- Меѓународниот совет за архиви (International Council of Archives – ICA)
- Меѓународната федерација за библиотеки и асоцијации (International Federation of Libraries and Associations – IFLA)
Примарен контекст на Синиот штит е Хашката конвенција од 1954 година и двата протоколи од 1954 и 1999 година, кои се однесуваат на подготовките на заштитата на културното наследство пред вооружен конфликт како и за време и по вооружениот конфликт. Синиот штит претставува културен еквивалент на Црвениот крст и ги покрива музеите, библиотеките, архивите, спомениците и местата.
Меѓународниот Син штит (BSI) постои за да се заштити културното наследство, да се подигне свеста за неговата важност и да се развие чувството дека треба да се посвети целосно внимание во согласност со неговото место во меѓународното право. Целите на Синиот штит се:
- Да го заштити културното и природното наследство , материјално и нематеријално, од ефектите на воен конфликт и од катастрофите на животната средина
- Да го промовира ратификувањето, почитувањето и спроведувањето на Хашката конвенција од 1954 година и нејзините два протокола
- Да го промовира подигањето на свеста за важноста на заштитата на културното наследство во кризни ситуации
- Да промовира и спроведува соодветни обуки за професионалци од заштитата на културното наследство, за вооружените сили и други реагирачи во итни случаи како и за оние кои се вклучени во спречување на недозволена трговија со културно наследство
- Да го промовира ангажирањето на заедницата во учеството за заштитата на културната сопственост
- Да ја охрабри соработката со другите релевантни субјекти вклучени во итни ситуации.
- Да работи како советодавно тело за заштита на загрозеното наследство; да соработува и да ја координира работата со други тела, како што се UNESCO, ICCROM и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.