ФОРУМ: кражби на музејски предмети и недозволена трговија со културни добра

На 07.10.2021 година Македонскиот национален комитет на Синиот штит во соработка со МНК ИКОМ, во просториите на Музејот на Старата Скопска чаршија во Сули ан, Скопје, го реализираше форумот „Кражби на музејски предмети и недозволена трговија со културни добра“. Како воведничари на Форумот беа ангажирани м-р Перо Арџанлиев и јавниот обвинител Маја Коневска.

 

Прв воведничар беше м-р Перо Арџанлиев кој зборуваше на темата „ Археологија vs диво копање, системско потфрлање и можни решенија“. Тој направи паралели на тоа на кој начин модерната археологија се обидува да нанесе што е можно помалку штети на сондите за искпоување. Археолозите и кај нас започнуваат да користат напредни георадари и Лидер технологија за изработка на ласерски снимки на контурите на локалитетите се со цел на употреба на неинвазивни техники заради зачувување на културниот контекст и информација на локалитетот. За разлика од нив, дивите копања се карактеризираат со разорни дејствија и уништување на културната средина и информација на археолошката сонда, со што се прават огромни штети. Покрај тоа што се крадат артефакти, директно од земја, штетата е уште поголема бидејќи со разорните дејствија се уништува и контекстот и културната информација на сондата. Во своето излагање м-р Перо Арџанлев ги посочи и слабите страни при заштитата од ваквите нелегални дејствија, каде постои пред се системско потфрлање. Тука беа предочени:

-          Несоодветниот закон за заштита на културното наследство, каде што археолошкиот локалитет не е дефиниран во законот.

-          Нератификувани конвенции за заштита на неископаното културно наследство. Имено тој нагласи дека ревидираната конвенција за Заштита на неископаното археолошко културно наследство на Европа од 1992 година од Валета, била ратификувана во Македонија во 2006 година, но оттогаш наваму ништо не е имплементирано.

-          Низок степен на валоризација на културните локалитети и музејски збирки. Имено во моментов само 7% од археолошките локалитети и само 20% од музејските збирки се валоризирани што е еднакво на немање никаква евиденција за состојбата на културното наследство во Македонија. Беше предочено дека состојбата е ваква затоа што Правилникот за изработка на валоризација е многу сложен и обемен и никој не се нафаќа тоа да го изработи. Бил доставен и совет до Комисијата за валоризација и ревалоризација на на збирки и локалитети за поедноставување на формуларите, на пример според урнеците на бугарските формулари кои се многу поедноставни, но нема позитивен одговор од таа страна.

-          Недостаток од Државна унифицирана дата база на податоци

-          Недостаток на меѓуинституционална и меѓусекторска соработка.

Заклучок од ова излагање беше дека мора да се изнајдат начини на нулирање на горенаведените слабости и да се оствари поголема соработка и координираност помеѓу Управата за заштита на културното наследство, музеите, царинската управа судовите и јавното обвинителство.

Вториот воведничар на Форумот беше јавниот обвинител Маја Коневска која зборуваше за „Заштитата на културното наследство од кривично правен аспект“. Таа даде осврт на сите случаи за кои водела кривична постапка поради нелегална трговија со културно наследство, почнувајќи од случајот Фаланга од 2006 година па до денес. Тоа се операциите: Фаланга 1 од 2006 година, во која биле опфатени околу 5 500 археолошки премети, операцијата Фаланга 2 од 01.05.2013 која опфатила златни предмети од 4 век пр.не, предмети од македонските бронзи, монети, средновековни икони и сл, случај Аполон од 21.03.2014 година со кој бил сопрен обид на изнесување и нелегална трговија на голем број археолошки артефакти и притоа била запленета многу софистицирана опрема за нелегални ископувања, случај Копје од 05.10.2018 година, повторно запленети голем број на монети, археолошки предмети и средновековни крстови и икони и црковни книги со големо значење и уапсени 8 лица.Во нејзиното излагање, таа исто така истакна дека покрај археолошките предмети, особен интерес за нелегална трговија се посветува на вредните икони од Македонија. Со сите овие акции се врши комплетно бришење на историјата и на идентитетот на македонскиот народ. При сите операции на заплена на артефакти, евидентирани биле каталози од аукциски куќи од Европа, кои што биле целни одредишта на овие акции. Таа посочи дека се евидентни  и проблеми со европското законодавство каде во аукциските куќи се продавало културно наследство без да се води сметка од каде тоа потекнува и на кој начин се нашло на таа аукција. За ова таа говорела и на Регионалната конференција за борба против нелегалната трговија со културно наследство во Минхен; Германија , во мај 2019 година, каде после голем број презентации и остварена соработка успеале да издејствуваат да се воспостави поголема контрола над европските аукциски куќи и на артефактите кои таму се изложуваат. Како заклучни гледишта на нејзиното излагање беа акцентирани:

-          Потребата од едукација на населението за значењето на вредноста на културното наследство

-          Едукација на стручните служби кои играат важна улога во заштитата на културното наследство

-          Интензивирање на меѓусекторската соработка

-          Заострување на законските мерки и казни за нелегална трговија со културно наследство

Интензивирање на меѓународната соработка за сузбивање на нелегалната трговија со културно наследство со оглед на тоа дека е востановено во светот, дека профитот што се остварува од овие нелегални дејствија најчесто завршува за финансирање на терористички акции и дејствија.