ФОРУМ: БИБЛИОТЕЧНОТО И КИНОТЕЧНОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ВО МАКЕДОНИЈА - СОСТОЈБИ И ЗАШТИТА
Здружението за заштита на културното наследство во опасност МНК Син штит на 27.11.2012 година во Музејот на Македонија го реализираше форумот „Библиотечното и аудиовизуелното културно наследство во Македонија – состојби и заштита“. Како вовоедничари на форумот беа ангажирани:
- Зорица Јаковлевска Спировска (НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје) со темата „Аспекти на заштитата на пишаното културно наследство“ и
- Сунчица Веселиновска (Кинотека на Македонија од Скопје) со темата „Архивирање, чување и заштита на аудиовизуелното културно наследство“.
Двете воведничарки своите предавања ги насочија кон библиотечното пишано и кон аудиовизуелното културно наследство при што инспирираа бројни прашања кај присутните. Особено беше даден акцент на немањето доволно човечки капацитети во НУБ „Св. Климент Охридски“ кои би биле вклучени во конзервацијата и заштитата на културното наследство. Исто така, кога е во прашање аудиовизуелното културно наследство беше поставено прашањето за односот на властите кон првиот електронски медиум во Македонија, МРТВ, кој располага со огромен број вредни аудиовизуелни снимки кои се од големо значење за државата, а притоа во последниве петнаесетина години тоа богатство пропаѓа.