Промоција на Книга на Јован Ристов
На 29 септември 2021 година, во Даут пашиниот амам, Национална галерија, Скопје се одржа промоција на книгата „Правна заштита на македонското културно наследство – огледи за протекторската свест во постсоцијалистичкиот период“ на Јован Ристов. Книгата е постхумно објавена од страна на Македонскиот национален комитет на Синиот штит, како сублимат на дел од активностите на Јован Ристов во Синиот штит, каде што беше особено активен член од основањето на Здружението во 2002 година и прв Претседател на Собранието на МНК Син штит (2002-2005).
Јован Ристов (1949 - 2018) е еден од најголемите стручњаци кои се занимаваа со правната заштита на културното наследство. Тој е идеен творец на Управата за заштита на културното наследство и нејзин прв директор, а неговиот придонес како автор на Законот за заштита на културното наследство од 2004 година е неодминлив. Со неговата професионална насоченост кон правната заштита на културното наследство и меѓународно правната заштита и компаративното споменичко право, воспостави високи стручни и научни стандарди во заштитата на културното наследство.
Уредник на книгата е проф. д-р Даворин Трпески, а истата претставува збир на статии пишувани и презентирано од Јован Ристов на форумите и собирите организирани од Македонскиот национален комитет на Синиот штит, објавувани во меѓународното електронско списание „е-штит“, во периодот од 2013 до 2018 година.
Книгата ја промовираше м-р Александар Јорданоски. Тој нагласи дека Јован Ристов во суштина, со текстовите проникнува во практикувањето на одделни сегмени при реализацијата на комплексниот систем за заштита на културното наследство. Поедноставно кажано, слабости и доблести на Законот за заштита на културното наследство при неговата примена.
Првиот текст, „Нормативна рамка за остварување на грижата за музејките добра - превентивна заштита“ дава критички осврт на нормативната рамка за остварување на грижата за музејките добра во Република Македонија со акцент врз уредноста на односите и примената на нормативните решенија за превентивно дејствување на надлежните субјекти. Во тој поглед, сè уште постојат отворени прашања од начелна природа. Тие, пак, предочуваат дека националниот систем за заштита на музејските добра е оптоварен со односи, состојби и појави кои имаат сериозно влијание врз неговото ефективно функционирање. Станува збор, пред сè, за комплексот
прашања поврзани со „идентификацијата на субјектите и објектот на заштитата“, од една страна, но и за „идентификацијата на содржините и заштитата“, од друга страна, гледано аспект на постојната нормативна рамка и нејзината практична примена. Актуелноста на оваа проблематика се должи повеќе на недоследната примена на важечките прописи отколку на отсуството од соодветна нормативна рамка.
Вториот текст, „Вториот протокол од 1999 година на Хашката конвенција, негово значење и степен на нормативна и фактичка примена во Република Македонија“ во сублимирана форма ги приопштува клучните прашања за Протоколот што се од значење за негово правилно разбирање, неговото значењето како меѓународен инструмент за заштита на културните добра во случај на вооружен судир, обврските преземени со неговата ратификација од страна на Република Македонија, како и состојбата и актуелните прашања во поглед на неговата примена.
Вториот Хашки протокол е самостоен меѓународен инструмент кој ја дополнува Хашката конвенција од 1954 година и не е поврзан со друг меѓународен договор. Во текстот се наведуваат клучните моменти за значењето на Протоколот, од кои за оваа прилика тој издвои четири точки, и тоа: а) се надоградува системот за меѓународна воено-хуманитарна заштита преку воведување највисок степен на заштита именуван како „засилена заштита“; б) се воведува стандард на заштита изразен преку балансирање и ограничување на принципот „воена потреба“ наспроти принципот „хуманост“; в) ги пополнува празнините во врска со индивидуалната кривична одговорност за воени злосторства против културното наследство и г) ја заслилува меѓународната асистенција и соработката во случај на вооружен судир. Во самата суштина, овој протокол претставува акт што ја симболизира моќта на разумот.
Третиот текст, „Значење и примена на Хашката конвенција од 1954 година“ е посветен на клучните аспекти на системот на меѓународна заштита на културните добра во случај на вооружен судир. Овде, пак, авторот на мошне сублимиран начин го изложува историското значење на Хашката конвенција од 1954 година и нејзиното првенствено значење на прва успешна кодификација на посебните правила за меѓународна хуманитарна заштита на културните добра.
Четвртиот текст, „Правна заштита на нематеријалното културно наследство во Република Македонија“ обработува една суштинска идентитетска тема поврзана и со македонскиот јазик и со македонскиот фолклор. Тука се обработени основите на правната заштита на нематеријалното културно наследство, сфатени како составен дел од националниот ситем и модел за заштита на културното наследство во Република Македонија. Како посебна тематска целина овде се приопштуваат основните сознанија, генезата и можноста за примена на легислативата во заштита на нематеријалното културно наследство.
Петтиот текст, „Правото и професионалната етика во остварувањето на заштитата на музејските добра во Република Македонија“ го претставува односот меѓу правото и професионалната етика во остварувањето на заштитата на музејките добра во Република Македонија со посебен акцент на проблематичните правни норми и девијантните поведенија во музејското работење. Професионалната етика во која било област, па и во музејката, начелно, по дефиниција, како збир на етички начела за професионално однесување и работење, во теориска смисла претставува „автономно подрачје“. Во суштина, текстот ја обработува темата за преоптовареност и хиперпродукцијата на законски односи и обврски и во законите и во подзаконските акти кои ја уредуваат областа на заштитата на културното наследство, со што доаѓа до редундандност.
Шестиот текст, „Примената на прописите за заштита на културните и природните добра во катастрофи предизвикани од човекот и природата - позиција на локална власт, протекторска свест и професионална етика“ предочува за положбата на локалната власт во Република Македонија и нејзината улога во практичното остварување на заштитата на природното и културното наследство при катастрофи предизвикани од човекот и природата, со посебен осврт на кохерентноста на постојните системи за заштита и проблемите при нивното функционирање. Овде се истакнува подредената состојба на локалната власт при грижата за културното наследство, како и монополското однесување на државните споменички власти, но и стручните установи за заштита, вклучувајќи ги и локалните.
Опсегот на темите во кои се јавува Јован Ристов како автор, како и неговиот пристап, методичност, аналитичност и синтетичност, кажува за неговата исклучителност и проникливот во речиси сите сегменти од широката тема - заштита на културното наследство - што го вбројува во редот на најистакнатите македонски кадри во современата македонска држава.